МЕЃУНАРОДНА ЛИКОВНА КОЛОНИЈА „ЛИХНИД – ОХРИД“
- 6 hours ago
- 7 min read
Од 1 до 9 септември, Охрид ќе биде домаќин на првата Меѓународна ликовна колонија „Лихнид – Охрид“, во организација на Општина Охрид. На колонијата ќе учествуваат 17 ликовни уметници од земјава и странство, кои преку својот уметнички израз ќе создаваат инспирирани од Охрид, неговото културно наследство и уникатниот амбиент.
Во продолжение запознајте ги уметниците кои ќе бидат дел од оваа уметничка приказна.
Анета Гајос (Полска) е акварелистка, графичарка и независна уметница. Таа е основач и претседател на IWS Polska, Master Member на IWS и член на Управниот одбор на IWS Globe. Коорганизатор и уметнички директор е на Меѓународниот фестивал FINEness Art Festival.
Нејзините дела, инспирирани од природата, ботаничките мотиви и пејзажите, се изложувани и се наоѓаат во приватни колекции во Полска и во повеќе земји низ светот. Редовно учествува на меѓународни фестивали, работилници и уметнички резиденции, а често е поканета и како член на жири на меѓународни натпревари по акварел.

Наталија Студенкова (Словачка) е академска уметница со украинско потекло, која живее и работи во Кошице, Словачка. Таа е член на Сојузот на словачки уметници, претставник на IWS Slovakia и Community Leader на Urbino in Acquarello (Италија). Организатор е на Меѓународниот симпозиум Inter-Art Košice и куратор на меѓународни изложби на акварел.
Досега реализирала 25 самостојни изложби и учествувала на бројни меѓународни биеналиња, фестивали и изложби низ Европа, Азија и Америка. Нејзините дела се препознатливи по богатата палета на бои, светлината и оптимистичкиот поглед кон светот, а добитник е и на повеќе меѓународни награди за акварел.

Ѓулај Јуксел (Турција) е академска сликарка која дипломирала на Одделот за ликовна уметност при Гази образовниот институт, а своето високо образование го продолжила на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот Анадолу. Работела како професор по ликовна уметност во средни училишта и на Универзитетот ОДТУ, а има и долгогодишно искуство во едукација на лица со оштетен вид.
Досега реализирала 51 самостојна изложба, од кои повеќе во Германија, како и во Њујорк и Лондон, и учествувала на бројни меѓународни изложби и уметнички колонии. Нејзини дела се наоѓаат во музеи и јавни и приватни колекции во Турција и во повеќе земји низ светот, а денес активно твори во своето ателје во Истанбул.

Мајкл Клоуз (Канада) е канадски уметник со македонски корени, роден и израснат во Торонто. Дипломирал на Ontario College of Art, најстарото уметничко училиште во Канада. Во текот на својата кариера реализирал повеќе од 140 самостојни изложби, од кои голем број на меѓународно ниво.
Покрај својата ликовна дејност, речиси пет децении активно работи и во областа на филмот, телевизијата и театарот. Во организацијата на неговите изложби и развојот на меѓународната кариера значајна улога има неговата сопруга Менка Клоуз, која како куратор и организатор долгогодишно придонесува за промоцијата на неговото творештво.

Жужана Ардо (Велика Британија) е современа визуелна уметница, писателка и кураторка, чие творештво ги поврзува уметноста, науката и општеството. Се образувала во Унгарија и Канада, а своето професионално усовршување го продолжила и на Универзитетот Харвард. Основач и уметнички директор е на меѓународната мрежа Creatives Move, која поттикнува интердисциплинарна соработка меѓу уметници од целиот свет.
Нејзината уметничка практика опфаќа сликарство, фотографија, дигитална уметност, филм и поезија, со фокус на човечкиот идентитет, природата и климатските промени. Нејзините дела се изложувани во галерии и музеи во Европа, Северна Америка и Азија, а за својата работа е добитничка на бројни грантови и признанија, меѓу кои и поддршка од Arts Council England.

Меџид Факиќ (Србија) е академски сликар, историчар на уметност и универзитетски професор. Дипломирал Историја на уметност со археологија и студирал на Ликовната академија во Скопје, а магистрирал сликарство на Универзитетот во Нови Пазар.
Досега реализирал 64 самостојни изложби и учествувал на повеќе од 250 групни изложби во земјата и во странство. Работи како професор на Универзитетот во Нови Пазар и управник на Универзитетската галерија, а за своето творештво е добитник на повеќе награди и редовен учесник на реномирани меѓународни ликовни колонии.

Раџат Субхра Бандопадхјај (Индија) е истакнат академски уметник кој живее и твори во Колката, Индија. Тој е меѓународен бренд амбасадор за престижните акварелни бои Daniel Smith и официјален претставник (Country Leader) за реномираниот италијански бренд за уметничка хартија Fabriano. Дипломирал на Државниот колеџ за уметност и занаетчиство во Колката (Govt. College of Art & Craft, Kolkata).Неговото творештво е препознатливо по автентичниот приказ на индиската култура, традиција и мотиви, изразени преку мајсторски колорит и светлосни ефекти во акварел техниката. Активно учествува на престижни меѓународни изложби, симпозиуми и уметнички фестивали ширум светот, каде одржува стручни демонстрации и работилници, а неговите дела се дел од бројни приватни и јавни уметнички колекции.

Павлина Копано-Боботанова (Бугарија) е графичарка која дипломирала графика на Универзитетот „Св. Св. Кирил и Методиј“ во Велико Трново. Од 2008 година живее и твори во Истанбул, Турција. Досега реализирала 14 самостојни изложби и учествувала на бројни групни изложби во Бугарија, Турција и повеќе европски и азиски земји.
Нејзините дела се дел од јавни и приватни колекции во повеќе држави, а во 2014 година е добитничка на Наградата за придонес во културата на Општина Димитровград. Во своето творештво најчесто користи рачно изработена хартија, истражувајќи богати текстури, релјефни структури и колоритни композиции.

Славица Танеска (Македонија) е академска сликарка, магистер по сликарство и куратор и уметнички раководител на Општинската меѓународна ликовна колонија „Лихнид – Охрид“. Таа е автор на целокупниот визуелен идентитет и логото на колонијата. Дипломирала сликарство како студент на генерацијата на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ и е добитничка на наградата „Четирите мајстори на модернизмот“.
Досега реализирала 13 самостојни и учествувала на повеќе од 80 групни изложби, како и на бројни меѓународни ликовни колонии во Македонија и странство. Автор е на книгата „Траги на времето – низ цртежите на 100 селски брсјачки градби во Македонија“ и на детскиот стрип „Масро Марсоски“, објавуван во „Нова Македонија“. Три години работела како асистент на Факултетот за уметност и дизајн во Скопје.

Проф. д-р Фехим Хусковиќ (Македонија) е академски сликар, графичар, универзитетски професор и академик. Дипломирал и магистрирал сликарство на Академијата за ликовни уметности во Приштина, а магистрирал и докторирал во областа на педагогијата и методологијата на ликовната уметност. Редовен професор е на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје и член на Бошњачката академија на науките и уметностите.
Во својата богата кариера реализирал околу 120 самостојни изложби, учествувал на повеќе од 800 групни изложби и над 200 меѓународни ликовни колонии и симпозиуми. Добитник е на повеќе од 40 национални и меѓународни награди, а неговите дела се наоѓаат во музеи и приватни колекции ширум светот.

Проф. м-р Мирко Вујисиќ (Македонија) е академски графичар, сликар и редовен професор на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје. Дипломирал графика на ФЛУ во Скопје, а магистрирал на Факултетот за ликовни уметности во Белград. Добитник е на повеќе универзитетски и професионални признанија за своето творештво и педагошка дејност.
Во својата богата кариера реализирал 23 самостојни изложби и учествувал на повеќе од 80 групни изложби во Македонија и во странство. Покрај активната уметничка практика, посветено работи на едукација и афирмација на младите уметници преку наставна работа, изложби, работилници и меѓународни соработки, а за својата работа е добитник на повеќе домашни и меѓународни награди.

Славко Упевче (Македонија) е академски сликар и еден од најистакнатите современи уметници од Охрид. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а долгогодишен е член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) и Друштвото на ликовните уметници на применетите уметности (ДЛУПУМ). Неговото творештво е препознатливо по мотивите инспирирани од Охрид, неговата архитектура, природното и културното наследство.Во својата богата кариера реализирал повеќе од 30 самостојни изложби во Македонија и странство, а неговите дела се наоѓаат во бројни галерии и приватни колекции ширум светот. Повеќе од пет децении активно твори во своето ателје и галерија „Упевче“ во Охрид, оставајќи значаен белег во современата македонска ликовна уметност.

Лидија Вујисиќ - завршила Школа за дизајн во Ниш 1976.та и Факултет за ликовни уметности во Скопје 1985.та. Работи како професор по графика од 1987.год. до 1990. И како професор по графички дизајн и графички техники од 2000.год. до 2020.та. Излагала графики на околу 200 меѓународни и национални изложби. Самостојни изложби во Србија и Македонија има остварено 17 - со графики во техника линорез. Добитник на 10 национални награди на изложби организирани од ДЛУМ. Добитник на стипендија за едномесечен престој во Париз во ,, Cite deѕ Art ,, ...учесник на околу 10 меѓународни ликовни колонији во Србија и Македонија,

Емел Махмуд (Македонија) е академска сликарка и ликовен педагог од Охрид. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во своето творештво користи различни сликарски техники, а инспирацијата ја пронаоѓа во природата, охридските пејзажи и духовната филозофија, создавајќи дела со препознатлив колорит и силна експресивност.
Нејзините дела биле претставени на бројни групни и самостојни изложби, а активно учествува и на ликовни колонии и културни манифестации. Преку својот автентичен уметнички израз и педагошка работа, таа дава значаен придонес во развојот и афирмацијата на современата ликовна уметност

Никола Упевче (Македонија) е академски сликар, конзерватор, реставратор и мозаичар од Охрид. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на насоката сликарство, конзервација и реставрација. Во своето творештво е особено посветен на мозаикот, градејќи препознатлив авторски израз кој ги поврзува античката традиција и современата уметност.
Автор е на повеќе значајни мозаични проекти, меѓу кои се издвојува монументалната „Мозаична мапа на Охрид и Лихнид“, како и мозаични дела во јавен простор и сакрални објекти. Редовно учествува на меѓународни изложби и симпозиуми за мозаик, а своето творештво го развива во семејната галерија „Упевче“ во Охрид, придонесувајќи за афирмацијата на оваа древна уметничка техника во современиот контекст.

Андреј Антевски (Македонија) е академски сликар од Куманово. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на насоката Сликарство со конзервација и реставрација, а моментално е студент на магистерски студии по сликарство.
Учествувал на бројни групни изложби и меѓународни ликовни колонии во Македонија и странство, а во 2025 година ја реализирал својата прва самостојна изложба „Секојдневие“. Добитник е на наградата „Борко Лазески“ на Факултетот за ликовни уметности, која се доделува за особени достигнувања во областа на сликарството.

Тони Попов (Македонија) е мултимедијален уметник, сликар и поет кој живее и твори во Охрид. Неговата уметничка практика ги поврзува сликарството, поезијата и пишувањето сценарија за краток филм, истражувајќи ги сеќавањето, пејзажот и тивките емоционални состојби.
Реализирал 15 самостојни изложби и учествувал на бројни групни изложби во Македонија и странство, а неговите дела се дел од приватни колекции во повеќе од 20 земји. Од 2016 година одржува уметнички работилници во Норвешка, Шведска и Данска, а од 2022 година е член на Норвешката асоцијација на независни сликари (NFUK). Во 2020 година ја основа Летната уметничка школа „Пробај уметност“ во Охрид, преку која досега учествувале повеќе од 200 деца.





Comments